SamsungMobile_FashionWeek7_with

Походот кон iPhone 6, новата S6-ка нема да го води само со ултра брзиот Exynos процесор и Quad HD Amoled екранот, туку и со камера која ќе ги помести границите во класата, барем како што вели ДонгХун Јанг од Samsung.

Вице – претседателот на Samsung, преку блог пост објавен на “Samsung Tomorrow” страницата, не потсети дека корејскиот производител беше првиот во светот во 2000 година, кој претстави мобилен со камера и тоа моделот SCH-V200 со 0,3 мегапикселната задна камера. Оттогаш, Samsung е еден од главните пионери во создавањето мобилни и паметни телефони, кои можат да ги заменат фото апаратите.

Galaxy серијата отсекогаш беше позната по тоа дека има квалитетна камера и тоа со сензор и леќа изработени токму од Samsung. Уште во првата генерација, кога беше претставен првиот модел, Galaxy серијата беше водечка во поглед на мегапикселите, со 5 MP, кои пораснаа на 8 MP во втората и третата генерација, односно 13 и 16 MP во четвртата, односно петтата генерација. Со тој сензор, во моментот на претставувањето, Galaxy S5 беше паметниот телефон кој можеше да продуцира најмногу детали од една фотографија.

Покрај подобрувањата на задната камера, евидентно е и зголемувањето на квалитетот на предната, таканаречена селфи камера, која од 0,3, стигна со 2 MP во Galaxy S5, а како што се најавува, во S6-ката може да се вградува и предна камера со над 5 MP, што би било голем скок за најдобриот телефон на Samsung.

И покрај тоа што задната камера на новиот модел ќе има 20 MP, со целосно нов сензор од Samsung, се очекува најголем напредок да се постигне во процесирањето, односно софтверот. За таа цел, во текот на истражувањето, инженерите имаат сликано преку 10.000 фотографии во најразлични светлински услови, со цел да се постигнат максимални перформанси независно од ситуацијата. Токму ова е и силата на iPhone 6, кој и покрај послабиот сензор, важи за телефон кој секогаш вади квалитетна фотографија.

На овој начин, Galaxy S6 ќе успее повторно да исчекори пред главниот конкурент, бидејќи покрај тоа што ќе нуди фотографии со повеќе детали, ќе понуди и конкурентен метеринг систем кој ќе успее да извади максимум од вградениот сензор. Подобрувања се очекуваат и во целосната брзина на апликацијата за камерата, како и во брзината на автофокусниот систем.

Покрај големите подобрувања во камерата, сега можеме и дефинитивно да потврдиме дека новиот Galaxy S6 ќе биде првиот телефон во серијата со алуминиумска шасија, како што е случајот со телефоните од “A” серијата, што конечно ќе го донесе она премиум чувство при држењето на телефонот, кое е и очекувано со оглед на повисоката цена.

Инаку, ќе бидат понудени два Galaxy S6 модели, од кои едниот ќе биде Edge, со екран кој ќе биде заоблен кон едниот крај, исто како и Galaxy Note Edge, а кој ќе може да прикажува нотификации или некои кратки информации, како време, спортски резултати и сл. додека на големиот екран ќе може да слободно да се работи со телефонот. И двата модели ќе имаат 5,1 инчен екран и многу мала рамка околу екранот, што ќе го направи извонредно мал со оглед на надворешните димензии.

Samsung Galaxy S6 треба да биде претставен на 1 Март, на специјален настан во Барселона, а пред почетокот на големиот саем “Mobile World Congress”.

Извор: TechCrunchSamsung Tomorrow

Претходна статијаMarkO ја доби својата прва инвестиција од познатиот акцелератор Rockstart од Амстердам
Следна статијаFacebook воведе можност за избор на наследник на вашиот профил