Qualcomm-image-2-1600x900

Еден од елементите кај паметните телефони, а претходно и мобилните, кој доживеа најголем напредок низ годините е камерата. Наместо пикселизираните фотографии со исклучително многу шум, денешните телефони вадат драматично подобрени слики, кои изгледаат многу појасно и поверно ја претставуваат сцената. Сепак и натаму има многу простор за напредок.

Најголемиот проблем кај паметните телефони е сликањето во темница. За сликање во темница, сензорот мора да ја покачи својата осетливост на светлина, што секогаш резултира со повеќе шум, а кај паметните телефони не помага ниту што сензорите, а следствено на нив и пикселите, се многу мали. Помали пиксели = повеќе шум.

Исто така, малите сензори имаат и многу мал динамички опсег – преку ден, кога има висок контраст на сцената, многу елементи од фотографијата, како на пример небото или сенките, ќе бидат изгорени, односно нема да прикажуваат воопшто детали, нешто што не постои кај професионалните апарати, кои имаат поголеми сензори.

Затоа, за поправање на фотографиите, многу често има потреба од квалитетни алгоритми и моќни чипови кои ќе знаат добро да ја испеглаат фотографијата. Според Qualcomm, најдобар таков чип досега ќе биде новиот Snapdragon 820, но слични можности ќе имаат и многу други процесори од нивната понуда.

Овие можност вклучуваат препознавање на шумот и неправилностите, односно изгорените делови на фотографијата уште на хардверско ниво, што значи дека без поголема интервенција во софтверот, подобрувањата ќе треба да се почувствуваат кај сите телефони со новите чипови.

Новите технологии вградени во чиповите имаат и свое име: Image Signal Processor за побрза преработка на фотографијата, Wavelet Noise Reduction и Temporal Noise Reduction за чистење на шумот и Local Tone Mapping за зголемување на динамичкиот опсег. Сите овие помошни системи работат и при снимање на видео содржини.

Извор: Qualcomm, Android Central, Android Headlines

Претходна статијаНаучниците го создадоа првото сајбер растение
Следна статијаRaptor очилата ќе донесат авионски визир за велосипедистите