Јапонската компанија NuAns лани лансираше многу интересен смартфон. Neo е уред со многу комбинации на бои и материјали за задниот дел, што е одлична вест за оние со истенчен вкус за модата, боите и материјалите. Сепак, негов главен недостаток беше тоа што се испорачуваше само со Windows 10 Mobile, оперативен систем кој скоро и да нема веќе присутност на пазарот.

Сега, компанијата го релансира овој смартфон со најновиот Android 7.1, што може да се покаже како одличен потег за привлекување на поширока група на купувачи, иако делува малку закаснет. За тоа тие лансираа и специјална Kickstarter кампања, каде оние што ќе ја поддржат ќе можат да го купат телефонот за 355 долари и дополнителни маски за 30 долари. Дали е тоа скапо не може да се одлучи само по спеицификациите – ова е смартфон кој е направен за персонализација.

А спецификациите не се ништо посебно. 5 инчниот дисплеј на пример има само HD резолуција, додека процесорот е Snapdragon 625, помогнат од 3 GB рам меморија и 32 GB простор, со слот за micro SD картичка до 1 TB. Камерите се солидни на хартија – назад има 13 мегапиксели и напред 8 мегапиксели, додека батеријата има одлични 3.450 mAh и се полни преку USB Type-C приклучок. Секако, за оние кои не бараат најбрзи перформанси ова е перфектно задоволително, но за истите пари факт е дека има подобро опремени смартфони.

Но, главната идеја тука е персонализацијата – бои за задниот дел има во голем број, а исто така и различни материјали, како кожа и дрво. Можеби тука не плаќате за перформансите, но NuAns Neo дефинитивно ќе ги привлече погледите на тие околу вас.

Извор: The Verge, Neowin, Kickstarter

Претходна статијаCareerLaunch Talks – 7 говорници кои ќе ве натераат да започнете нова кариера
Следна статија“Refurbished” Galaxy Note 7 моделот ќе почне да се продава од јуни?