Ова можеби го очекувавме од некој кинески производител, но не и од HTC, кој беше првиот што ги донесе алуминиумските телефони на сцената. И да, сигурно ќе кажете дека бидејќи тие први донесоа ваков дизајн и имаат право на ова, но сигурен сум дека можат многу подобро од ова што го гледаме на сликите.
HTC One A9 инаку ќе биде модел што ќе седи под One M9 во понудата, со спецификации од средно – високата класа. Ќе има 5 инчен Full HD дисплеј, Snapdragon 615 процесор помогнат од 2 GB рам меморија и 16 GB простор за складирање податоци, што се чини како малку, но да се надеваме дека ќе има слот за micro SD картичка. Задната камера ќе има 13 мегапиксели, додека предната 4 мегапиксели, а телефонот во старт ќе доаѓа со Android Marshmallow 6.0. Како што е мода во светот на паметните телефони, вграден е и скенер за отчитување на отпечатоци од прстите, во посебно хардверско копче, слично како кај iPhone.
Изработката од алуминиум секако дека додава на луксузниот впечаток кој треба да го имаат телефоните од повисоките класи, а HTC досега покажа дека и изработката на нивните алуминиумски телефони е врвна, па не треба да се плашите од евентуално виткање. Сепак, овој модел премногу личи на новите iPhone-и и оддава впечаток дека е буквално копиран производ. А со цена од 599 евра, воедно и многу скап телефон за перформансите што ги нуди.
Телефонот треба да биде официјално претставен на 20-ти октомври и како што беше случајот и со HTC One M9 (кој пак однадвор е буквално подеднаков на One M8), нема да ме изненади доколку и овој не успее на пазарот. На Тајванскиот производител очајно му треба некој понов, револуционерен производ, кој ќе го затресе пазарот како што тоа го направи One M7 од пред неколку години. Да се надеваме дека спремаат нешто такво во арсеналот, инаку иднината и не им е многу светла.