Idol3_3

Францускиот производител, претходниве неколку години лансираше одлични Android паметни телефони, по цена која е пониска од таа на етаблираните конкуренти како Samsung , LG и HTC. Новите два модели од највисоката, One Touch серија, ќе се обидат да понудат перформанси од високата класа, по цена на телефон од средната.

Интересно, Idol 3 е достапен во две големини, исто како што е случајот со новите iPhone-и, со цел да се задоволи поголема група на купувачи. Двата модели не се разликуваат само по големината на дисплејот, туку и во спецификациите, но има и еден новитет кој ги краси и двата телефони. Опремени се со звучници и микрофони и на горниот и на долниот дел, што значи дека се симетрични и дека корисникот ќе може да разговара и додека го држи телефонот наопаку.

alcatel-onetouch-idol-3-colors

Затоа, со овие телефони, нема веќе вртење на телефонот кога ќе го извадите од џеб – како и да се стави на увото, ќе воспостави нормален повик. За да работи овој систем, заслужен е акцелерометарот, кој оценува кој крај на телефонот е свртен надолу и го вклучува микрофонот на таа страна. Прилично едноставно, иако ќе биде интересно да се види како ќе работи при долгите љубовни разговори со саканиот/саканата, легнати во кревет… Шала на страна, одлично решение.

Инаку, поголемиот, 5,5 инчен модел е опремен со IPS дисплеј со Full HD резолуција и одлична видливост на сонце, Snapdragon 615 процесор со осум јадра и 2 GB рам меморија. Задната камера има 13 мегапиксели, додека предната, селфи камера, брои одлични 8 мегапиксели. Батеријата има капацитет од 2900 mAh, а во пакетот се вклучени и специјални, аудиофилски JBL слушалки.

Помалиот телефон е опремен со 4,7 инчен IPS дисплеј со HD резолуција, Snapdragon 410 процесор со четири јадра и 2 GB рам меморија. Задната камера исто така има 13 мегапиксели, додека предната е со 5 мегапиксели, а батеријата има капацитет од 2000 mAh. И двата модели ќе бидат опремени со Android 5.0 Lollipop.

Idol3_1

Она што ги дистанцира One Touch Idol 3 телефоните на Alcatel од евтината конкуренција е и квалитетната изработка, поквалитетните материјали, но и целосниот дизајн, со многу тенко кучиште и мала рамка околу екранот, слично како кај LG G3.

Цената на уредите ќе биде 200 евра за помалиот, односно 250 евра за поголемиот модел, која е исклучително конкурентна со другите модели од средната класа. Инаку Alcatel планира да продаде преку 10 милиони One Touch 3 телефони оваа година, а за таа цел, ќе вложи и 100 милиони долари во маркетинг и ќе ги продава моделите во преку 100 земји низ светот, меѓу кои со сигурност ќе биде вклучена и нашата.

Извор: GSMArena, Engadget

Претходна статијаPlaystation и XboX пазете се, доаѓа Nvidia Shield конзолата!
Следна статијаСо технологија до освојување на океаните: Економско-политичка анализа