OnePlus, кинеската компанијата која што стои зад развојот на популарниот OnePlus One паметен телефон, на 27-ми јули ќе одржи настан на кој што ќе го претстави долго очекуваниот наследник OnePlus 2.
Настанот сепак нема да биде обичен и стандарден како што сме научени да ги гледаме. OnePlus најавија дека нивниот настан ќе биде пренесуван преку Виртуелна реалност, односно уредите кои што се направени за ваква намена.
Тоа на корисниците ќе им овозможи „присутност“ на настанот без потреба од излегување од нивниот дом. Следењето ќе овозможи менување на погледот, односно вртење на погледот во повеќе правци, што е и целата поента на виртуелната реалност.
За таа намена OnePlus има развиено сопствен сет за виртуелна реалност направен од картон, кој што ќе биде пуштен во продажба наскоро.
Инаку, OnePlus се одлучи за стратегија на најава на карактеристиките кои што ќе бидат достапни во новиот модел, една по една, без притоа да биде претставен целиот телефон.
Од тоа што можевме да прочитаме, можеби главната карактеристика на OnePlus 2 ќе биде USB Type-C поддршката за овој нов кабел кој што им овозможува на корисниците побрз пренос на податоци и најважно вклучување од било која страна.
Исто така беше најавено дека новиот модел ќе го вклучува Snapdragon 810 процесорот во негова понова верзија. Ова е вака најавено поради критиките на сметка на процесорот дека лесно се прегрева при користење.
OnePlus 2 ќе се продава на сличен начин како и неговиот претходник, односно преку систем на резервации преку интернет. Тоа значи дека и новиот модел нема да може да се купи од продавница, но се најавува поголема достапност и полесно доаѓање до покана за резервирање.
Извор: OnePlus