Еден од најпопуларните телефони кај ентузијастите е OnePlus 3 (3T), кој нуди исклучително добри спецификации, луксузна изработка и одлични камери по многу пониска цена од таа на етаблираните конкуренти. Всушност, ова е телефонот кој многумина редовно го прогласуваат за најисплатлив смартфон на пазарот. Наскоро, тој треба да добие свој наследник, а ние ги имаме првите информации.
Бидејќи во Азија, од каде потекнува телефонот (поточно, Кина), 4-ка се смета за несреќен број, OnePlus директно ќе премина на 5-ката. Како и со неговите претходници и овој модел ќе има врвни спецификации, кои не само што ќе бидат конкурентни на останатите Android смартфони од високата класа, туку во многу параметри ќе бидат и подобри.
Така, додека OnePlus 5 сигурно ќе има Snapdragon 835 процесор, има најави дека ќе има и фантастични 8 GB рам меморија. Ова и не е за неверување – актуелниот модел 3Т има 6 GB рам меморија. Благодарение на ова, OnePlus 5 ќе биде најмоќниот Android смартфон во моментот, од кој може да се очекува дека ќе работи исклучително брзо. Тука секако ќе помогне лесниот скин врз Android на OnePlus.
Подобрувања ќе има и во другите делови на телефонот. Дисплејот ќе мери 5,5 инчи во дијагонала и ќе има многу помала рамка околу. Неговата резолуција ќе изнесува 2560х1440 пиксели и веројатно ќе биде AMOLED, што го става рамо до рамо со Galaxy S8. Според информациите кои ги имаме, назад ќе има двојна камера, што е исто така подобрување, но батеријата веројатно ќе има само 3.000 mAh – помалку од таа на 3Т која има 3.400 mAh.
Најголемиот адут на OnePlus повторно ќе биде цената од 500 долари, која ќе биде повисока од онаа на 3T, но и натаму пониска од таа на конкурентите со слични или послаби перформанси.
Извор: PC World, NDTV, PhoneArena