OnePlus е компанија која нема особено богато портфолио на смартфони, но и со тоа што го има, успева да биде голем хит кај корисниците низ светот, особено оние кои сакаат смартфон со високи перформанси, по ниска цена. Годинава тие треба да го лансираат OnePlus 5, новиот модел кој ќе биде наследник на OnePlus 3 и 3T од минатата година.

Лиу Зуоху, извршниот директор на компанијата, новиот модел го најави на социјалната мрежа Weibo, која е популарна на кинескиот пазар, надополнувајќи дека со овој модел тие ќе направат големо изненадување и нормално употребувајќи го хаштагот #NeverSettle, слоганот на компанијата.

Засега немаме многу информации за OnePlus 5 и сите спецификации кои ќе ги има подолу се само претпоставки. Според мене, за прв пат во серијата на OnePlus ќе биде употребен Quad HD дисплеј со резолуција од 2560х1440 пиксели и тоа на иста големина од таа на претходникот – 5,5 инчи. Екранот најверојатно повторно ќе биде AMOLED, што значи дека може да се очекуваат одлични бои и висок контраст.

Бидејќи идејата на секој OnePlus телефон е да понуди највисоки можни перформанси во дадениот момент за најниска можна цена, очекувајте Snapdragon 835 помогнат од масивни 6 GB рам меморија. Камерата исто така треба да биде значително подобрена – назад ќе биде двојна, со главен сензор од 23 мегапиксели. Батеријата пак веројатно ќе има од 3.000 до 3.500 mAh.

Исто така, се’ уште не е објавен ниту датум за тоа кога ќе биде претставен овој смартфон, но моја претпоставка е дека тоа ќе се случи уште овој месец и тоа веројатно само како онлајн промоција. Цената не би требало да биде повисока од 450 долари, што е во рамките на досегашните модели.

Извор: TechnoBuffalo, Pocket-Lint, Forbes

Претходна статијаСатја Надела: Microsoft ќе прави уште телефони
Следна статијаMicrosoft Surface Laptop има премиум изработка, високи перформанси и долго траење на батеријата, доаѓа со Windows 10 S