OnePlus го претстави својот најнов смартфон на почетокот од минатиот месец во Кина, а еден месец подоцна OnePlus 11 беше и официјално презентиран за светскиот пазар.
Од компанијата сега прикажаа две слики од уред наречен OnePlus 11 Concept, кој е концепт верзија од OnePlus 11 со акцент ставен на задната страна која има LED светилки.
Нема никакви информации за што треба да претставуваат овие светилки и дали ќе имаат некоја функција, па останува повеќе да дознаеме идната недела на MWC 2023 во Барселона каде ќе биде и официјално претставен овој концепт телефон.
„Следните слики ги прикажуваат инженерските откритија на концептот OnePlus 11 со истакнување на ледените сини цевководи што минуваат низ целиот заден дел на телефонот – речиси го прават да изгледа како OnePlus 11 Concept да има своја серија на крвни садови. Цевководите на OnePlus 11 Concept се сместени во смел и футуристички дизајн на едно тело инспириран од мирната тишина и огромната моќ на глацијално езеро.“ – истакнуваат од компанијата.

Овој концепт не може, а да не го споредиме со Nothing Phone (1), кој е карактеристичен по неговата задна страна полна со светилки. Карл Пеи, кој е ко-основач на Nothing, беше ко-основач и на OnePlus. Доколку OnePlus 11 Concept овозможува поврзување на светилките со известувањата и слично, дефинитивно нема да помине без големи споредби со телефонот од нивниот поранешен директор.