oppo-r5s

R5 веќе важеше за еден од најтенките телефони во светот, со дебелина од само 4,9 милиметри. Затоа, обновената верзија R5s не мораше да биде на диета и ги задржа истите димензии, но донесува подобрени перформанси.

Телефонот има 5,2 инчен Full HD екран со AMOLED технологија, што значи дека може да се очекува прилично квалитетна слика. Во внатрешноста се наоѓа Snapdragon 615 процесорот со осум јадра, кој треба да овозможи прилично брзо работење, особено бидејќи во оваа верзија е помогнат од 3 GB рам меморија (претходно 2 GB), како телефоните од високата класа.

oppo-r5-s-

Подобрениот “s” модел добива и повеќе простор за складирање податоци и тоа 32 GB, но без можност за проширување со micro SD картичка, што е и очекувано, со оглед на мега тенкото куќиште. Скратено е и на батеријата, која има 2000 mAh, што е веројатно минимумот за телефон со толкав дисплеј.

Камерите се исти како на претходникот, што и не е лоша работа – задната има 13 мегапиксели  и може да снима Full HD видео со 60 фрејмови во секунда, додека предната камера има 5 мегапиксели. Телефонот доаѓа со вграден Android Lollipop, но со Color OS скин.

Oppo R5s, како и скоро секој кинески мобилен, има исклучително ниска цена од 220 долари. Достапен е уште од денес, но на кинескиот пазар. Се уште немаме информации дали ќе биде достапен и кај нас.

Извор: Android Central, GSM Arena

Претходна статијаНаучниците го потврдија постоењето на космичките неутрина
Следна статијаIntelligent Energy создаде целосно функционална водородна батерија за iPhone