Пред неколку денови мојот колега Мишо ви го претстави првиот смартфон на компанијата RED, која пред неполни 10-тина години ги револуционеризираше камерите за снимање видео и сега е убедливо најпопуларниот производител кај професионалците. За смартфонот сѐ уште нема премногу информации, но и оние што беа претставени се доволни за да останеме подзинати.
Имено, според RED ова ќе биде првиот смартфон во светот со холограмски дисплеј. Што ова вистински значи ќе треба да почекаме и да видиме кога ќе биде лансиран, но вака барем на хартија делува дека ќе биде нешто импресивно.
Како и да е, патент апликацијата за телефонот најавува уште многу други единствени функционалности на овој смартфон, кои ги нема ниту еден друг на планетава.
Ако може да им веруваме на патентите на RED, смартфонот ќе биде модуларен. Да, веќе неколку производители се обидоа да направат модуларни смартфони, но RED ова ќе го однесе на целосно други ниво. Очекувајте да може да ставите супер квалитетен модул за филмска камера на вашиот RED смартфон со можност за снимање на 8K видео, дополнителен проектор, батерија итн.
И најдобро од се е што овие модули, онаму каде што е потребно, ќе носат посебна процесирачка моќ со себе, надвор од чипот вграден во смартфонот, со цел да можат да ги извршат сите функции.
Исто така, на модулот за камерата на пример ќе може да се стават и други објективи, што само ја проширува целосната модуларност на овој смартфон. Во превод, од вашиот смартфон ќе може буквално да изградите една квалитетна филмска камера.
Ова не е особено различен пристап од оној кој RED го има кај своите камери. Тие се прилично евтини со оглед на перформансите кои ги нудат во старт, но за да извлечете максимум од нив, ќе ви требаат дополнителни модули, кои можат да чинат и три до четири пати повеќе од цената на камерата.
Извор: The Verge, Mashable, XDA Developers