До претставувањето на новите Pixel 4 уреди нема уште многу. Настанот од Google е закажан за 15 октомври во Њујорк, па официјално ќе ги видиме овие уреди кои исто како и лани, скоро целосно можевме да ги видиме пред претставувањето.
По прикажувањето на уредите на 3 видеа, сега имаме слики од порталот Nextrift кои сепак истакнуваат дека не можат да гарантираат дека уредот до којшто имаат дојдено е баш Pixel 4 XL, но според досегашните достапни информации тоа изгледа така.
Од сликите се гледа изгледот на уредот, којшто сепак досега од повеќе места го видовме, па може да се каже само дека ова е еден вид на потврда.

Тоа што е ново и интересно кај информациите кои ги пушта сега Nextrift е прикажувањето на новиот систем за отклучување, сличен на Face ID од Apple, наречен Face Unlock. Од порталот истакнуваат дека отклучувањето е брзо и лесно, а покрај тоа што не може баш лесно да се отклучи кога уредот е легнат на маса, во други ситуации, скоро секогаш може да се отклучи.
Од сликите се гледа дека Google предупредува дека телефонот може да биде отклучен доколку некој друго го постави пред лицето на корисникот и неговите очи се отворени, а исто така дека може да биде отклучен од некој којшто навистина лични на корисникот, како на пример брат или сестра.
Nextrift исто така ја имаат тестирано камерата, во споредба на таа кај Galaxy S10+, па истакнуваат дека иако на прв поглед таа на Samsung изгледа подобра, сепак сметаат дека Pixel 4 XL вади поприродни слики со повеќе детали, но тоа секако ќе го знаеме кога ќе се појават официјалните тестови по достапноста на телефонот.

Прилагодливото освежување на екранот до 90Hz, се истакнува дека доколку се вклучи, го држи екранот на 90Hz, барем во оваа верзија од софтверот, па се претпоставува дека се намалува само при користење на апликација која не го поддржува истото.