Motorolla пред неколку години лансираше нова серија на телефони, кои имаа чист Android без дополнителен скин и благодарение на него, брзи перформанси и мазно работење во оперативниот систем, без потреба од многу моќни компоненти. Moto G, односно моделот од средната класа се покажа како особено успешен, пред се поради ниската цена и солидните спецификации.
Новиот модел треба наскоро да пристигне на пазарот и според тоа што го знаеме досега, промените нема да бидат претерано големи. Дизајнот ќе биде сличен на актуелниот модел, но куќиштето веројатно ќе биде потенко. Екранот ќе има големина од 5 инчи и HD резолуција од 1280х720 пиксели, што е во рамките на средната класа на телефони.
Процесорот кој ќе се грижи за мазно работење низ оперативниот систем ќе биде Snapdragon 410 со четири јадра и 64 – битна поддршка, заедно со Adreno 306 графичка картичка. Рам меморијата ќе остане иста, со 1 GB, а ќе има и 8 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување со micro SD картичка.
Голем напредок ќе има кај камерите. Задната ќе има 13 мегапиксели и две лед диоди за осветлување, со цел поизбалансирани фотографии од луѓе навечер, додека предната ќе има 5 мегапиксели, што е исто така во рамките на средната класа и задоволително за квалитетни селфи фотографии.
Иако солидни, сите овие спецификации веќе заостануваат зад многу модели од оваа класа денес, кои се нудат и со посилниот Snapdragon 615 процесор со осум јадра и 2 GB рам меморија. Навистина, Moto G ќе има чист Android Lollipop 5.1.1, кој ќе овозможи брзо работење, но доколку овие податоци се навистина точни, Motorolla ќе мора да ја спушти цената од 180 долари, колку што чини актуелниот модел.
Заедно со новиот Moto G, треба да биде претставен и Moto X, кој ќе треба да има исклучително моќни компоненти и спецификации, на ниво на најновите модели од високата Android класа.
Извор: Pocketnow, Techno Buffalo, Liliputing