Телефонот којшто кинеската компанија го најави оваа недела, денеска беше официјално претставен во соработка со Canonical. Како што се претпоставуваше, се работи за веќе достапниот Android телефон Meizu PRO 5 којшто ја добива својата Ubuntu едиција.
Телефонот ќе биде официјално презентиран на MWC 2016 настанот којшто почнува од идната недела, каде што ќе бидат дадени повеќе информации за неговата достапност и цена.
Инаку, овој телефон е петтиот Ubuntu телефон претставен во последните 12 месеци, истакнуваат од Canonical, а е и телефон со досега најдобри спецификации достапни на еден Ubuntu телефон.
Meizu PRO 5 доаѓа со 5,7 инчен AMOLED екран со Full HD резолуција, односно резолуција со 1920×1080 пиксели. Уредот е еден од ретките коишто работат на силниот Samsung Exynos 7420 процесор, што го става во врвот на понудата и конкуренцијата.
Работи со избор од 3 или 4GB RAM LPDDR4 меморија што го прави одличен за користење како десктоп компјутери преку Ubuntu Convergence функцијата. Сепак, во најавата не е нагласено дали телефонот дефинитивно ќе ја има оваа функција, па за тоа ќе треба да почекаме до идната недела, но дури и да ја нема, сигурно ќе биде вклучена со некоја идна надградба.
Од останатите карактеристики телефонот доаѓа и со USB Type-C приклучок, 21 мегапикселна задна и 5 мегапикселна предна камера, батерија со капацитет од 3.050 mAh и избор од 32 и 64 GB простор за складирање.
Од Canonical најавуваат уште нови Ubuntu уреди за оваа година преку договори направени со производители на Android уреди, заинтересирани за поддршка на оваа интересна платформа.