Huawei P9 беше еден од највозбудливите и најуспешни смартфони претставени минатата година, пред се благодарение на неговата квалитетна изработка и одлична камера со Leica леќа. Затоа, информациите за неговиот наследник се следат со особено внимание и се достапни уште сега.

Huawei P10 ќе биде достапен во две верзии и ќе биде целосно изработен од алуминиум, како и неговиот претходник, но ќе има “Edge” дисплеј од страните, исто како моделите на Samsung, односно нивниот модел Honor Magic. Напред ќе има посебно “Home” копче, во кое нема да биде вграден читач за отпечатоци – тој и натаму ќе биде во задниот дел. Ова е малку чуден потег, но се надевам дека има причина зошто Huawei го направил тоа.

Спецификациите се најдоброто што може кинескиот производител да го понуди во овој момент. Чипот ќе биде Kirin 960 со осум јадра, од кои помоќните четири на 2,3 GHz, Mali G71 графика, 6 GB рам меморија и од 64 до 256 GB простор за складирање податоци. Дисплејот ќе има големина од 5,2 или 5,5 инчи зависно од моделот (Huawei P10 и P10 Plus) и конечно AMOLED дисплеј со Quad HD резолуција (2560×1440), која прави огромна разлика доколку смартфонот се употребува во VR уред за гледање и играње во виртуелна реалност.

Најголем адут на Huawei P10 повторно ќе биде камерата. И овој пат за леќите задолжена ќе биде Leica и ќе има две камери, но се уште нема информација за тоа какви спецификации ќе имаат тие. Лично, очекувам неколку ситни подобрувања, како на пример стабилизација на сликата, која ќе функционира и во видео – тоа е и најголемиот недостаток кај Huawei P9. Има дури и најави дека Huawei P10 ќе доаѓа со вграден Alexa дигитален асистент на Amazon, наспроти веќе вградениот Google Assistant и нормално со Android Nougat со нов EMUI скин на Huawei.

Двата нови P10 модели ќе бидат претставени во Февруари на Mobile World Congress во Барселона, со што моделот на Huawei ќе влезе директно во клинч со многу етаблирани конкуренти, како Samsung Galaxy S8 и LG G6. Според она што може да го видиме од овие информации, кинескиот модел има доволно адути за повторно да ги загрози противниците.

Извор: IBTimes, Android Central, Pocket-lint

Претходна статијаNokia најави претставување на нови смартфони на 26 февруари
Следна статијаФондот ИЛИРИКА ЈИЕ со признание од реномираниот Investors Review од Британија