Motorola треба наскоро да претстави два нови Moto X телефони од високата класа (Vertex и Vector Thin), кои треба да донесат големи промени во сегментот, а тука пред се мислам на додатоците, кои ќе се прикачуваат преку магнет во задниот дел. Во почеток, Motorola ќе има спремно шест вакви додатоци, кои ќе треба значително да го подобрат смартфон искуството.
За разлика од LG G5, каде додатоците се ставаат во долниот дел на телефонот и притоа корисникот треба да ја отстрани батеријата, тука додатоците ќе се прикачуваат на задниот дел, преку посебен магнет. Првите достапни додатоци се: заштитен капак, стерео звучници, дополнителна батерија, додаток за камера со оптички зум и помоќен блиц, додаток со поширока леќа за камерата и посебен проектор за оние кои сакаат да гледаат филмови од својот телефон на поголем дисплеј.
Покрај модуларноста, моделот Vector Thin ќе го карактеризира и исклучително тенко тело – само 5,2 милиметри, што не враќа во времето на Razr моделите на Motorola, кои своевремено беа едни од најпопуларните мобилни телефони. Моделот Vertex пак ќе има дебелина од 7 милиметри, што е веројатно направено со цел да се смести поголемата батерија од 3.500 mAh, во однос на 2.600 mAh на супер тенкиот Vector Thin. Според протечените фотографии, може да се види дека и двата модели ќе имаат квалитетна, метална изработка.
Who woulda thunk it? Turns out this is 100% real. #motox https://t.co/xRNox3fYmF pic.twitter.com/Eu7tGMSvOv
— Evan Blass (@evleaks) May 7, 2016
Двата модели ќе се разликуваат и во останатите компоненти – Vector Thin е помоќен и ќе има 5,5 инчен AMOLED дисплеј со Quad HD резолуција, Snapdragon 820 процесор со четири јадра на 2,0 GHz, 3GB или 4 GB рам и 32 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка и камера од 16 мегапиксели со оптичка стабилизација. Vertex пак ќе има 5,5 инчен AMOLED дисплеј со Full HD резолуција, послаб Snapdragon 625 чип со осум јадра, од кои четири на 2,4 GHz, 2 GB рам меморија и 16 GB простор со можност за проширување преку micro SD картичка и камера од 13 мегапиксели со оптичка стабилизација.
И двата модели ќе бидат достапни со додатоците, кои ќе бидат наречени Amps, што значи дека Motorola би можела и да ја прошири понудата на модели со модуларна можност и дополнителни додатоци, за разлика од LG, кој моментално нема некој особено добро оформен еко систем за својот LG G5.
Извор: Forbes, Venture Beat, The Verge