Како што бива, точно еден месец пред официјалното претставување, ги имаме фотографиите, односно поточно рендерите од новиот знаменосец во „бизнис класата“ на Samsung, Galaxy Note 8. На нив може да се види дека телефонот ќе има дизајн кој ќе биде многу сличен на оној на Galaxy S8 и S8+ со Infinity дисплеј со многу мала рамка, но со малку поостри линии од страните, кои се веројатно направени со цел да се ослободи повеќе простор во внатрешноста.
Да не заборавиме, Note серијата доаѓа и со S Pen пенкалце кое треба да се смести во телото.
Како што беше најавено, во задниот дел има двојна камера, за која сѐ уште нема точни информации какви перформанси и можности ќе има, но како и да е, добар знак е што и Samsung се одлучи за двојна камера во некој од своите смартфони. Интересно, до камерата е ставен читачот за отпечатоци на прсти, што е прилично лоша поставеност, а воедно е и знак дека тој нема да биде вграден во дисплејот како што претходно се очекуваше.
За среќа и за разлика од многу од конкурентите, Galaxy Note 8 и понатаму ќе има 3,5 mm излез за слушалки, покрај USB Type-C приклучокот за полнење, што е одлична вест.
Протечените рендери се инаку направени од производител на футроли, кои ги добиваат димензиите на смартфонот уште пред тој да почне со производство или биде лансиран на пазарот.
Со фотографиите не се протечени нови информации за тоа какви спецификации ќе има Note 8, но скоро со сигурност можеме да потврдиме дека дисплејот ќе биде 18.5:1 со големина од 6,3 инчи, додека чипот ќе биде Snapdragon 835 или Samsung Exynos 8895 помогнати од 6 GB рам меморија и 64/128 GB простор.
Извор: PhoneDog, Engadget, GSMArena
Фото: BGR