Тајванскиот производител HTC последниве неколку години е во сенка на Apple и Samsung, за што крив е недостатокот на иновации и недоволно големите промени во дизајнот. Сепак, тие не престануваат со лансирање на нови смартфони од високата класа – HTC U11 треба да пристигне наскоро (16 мај), а ние ги имаме првите рендери кои се веројатно од финалниот уред.

На нив може да се види смартфон со метална (веројатно алуминиумска) рамка и стакло во предниот и задниот дел. Линиите се прилично добро склопени, со флуиден дизајн и многу минимализам. Всушност, ова е еден од ретките смартфони од високата класа со толку мала камера, која не делува како да е дополнително залепена на телото.

HTC U11 инаку ќе биде исклучително моќен паметен телефон, со Snapdraon 835 процесор, 6 GB рам и 64 GB простор со простор за micro SD картичка. Дисплејот ќе има големина од 5,5 инчи  и Quad HD резолуција, додека задната камера ќе има 12 мегапиксели и супер брза f/1.7 бленда, комбинација која би требало да овозможи супер квалитетни фотографии во сите услови. Предната камера пак ќе има 16 мегапиксели и најавува дека ќе биде најдобра во класата.

HTC U11 ќе има и Bluetooth 5.0 поврзување и Hi-Fi аудио чип, но негова главна карактеристика ќе биде тоа што рамката ќе биде осетлива на допир и притисок (Edge Sense), што значи дека нема да мора да го допирате дисплејот за многу од функциите. Сите овие компоненти ќе се напојуваат преку прилично мала батерија од 3.000 mAh.

HTC U11 ќе биде опремен со Android Nougat 7.1.1, нормално со дополнителен скин на HTC.

Извор: T3, 91 Mobiles, XDA

Претходна статијаSurface Pro 5 сепак нема да биде претставен на Build 2017
Следна статијаНаправете ја секоја површина осетлива на допир само со прскање со спреј