Најголемиот производител на паметни телефони во светот може само пред неколку месеци ги лансираше успешните Galaxy S7 уреди, но Корејците веќе се зафатени со новиот Galaxy Note 6 (според некои публикации ќе се вика Note 7), бизнис телефонот кој има голема група на следбеници во светот, пред се благодарение на дигиталното пенкалце.
Првите рендери се заслуга на твитер профилот @OnLeaks, на кои е интересно што дисплејот е искривен на страните, што веројатно значи дека новиот Note 6 ќе доаѓа исклучиво со таканаречениот “Edge” екран. Самиот дизајн на уредот пак е многу сличен со оној на актуелниот – стакло напред и назад и метална рамка во сендвич меѓу нив. Ова е и очекувано – ова е само вториот Note со ваков дизајн и поголеми промени во дизајнот треба да очекуваме наредната година.
Во внатрешноста, Note 6 најверојатно ќе биде многу сличен на Galaxy S7 – процесорот ќе биде Snapdragon 820 на Qualcomm или Exynos 8890 на Samsung, иако има најави дека наместо првиот може да се вградува освежената верзија Snapdragon 823, која ќе има повисок работен такт. Моќните процесори веројатно ќе бидат помогнат од 6 GB рам и 32 GB простор со можност за проширување преку micro SD картичка.
Иако се очекуваше, дисплејот веројатно нема да биде многу поголем – најавена е големина од 5,7 инчи. Резолуцијата најверојатно ќе биде QHD, односно 2560х1440 пиксели, исто како и кај актуелниот модел, но држиме стегнати палци за 4K резолуција, односно 3840х2160 пиксели – густина која би го направиле гледањето на виртуелни содржини на Gear VR уредот многу пореално. Кога сме кај виртуелните можности на Note 6, уредот скоро сигурно ќе ја има вградено Daydream платформата, заедно со новиот Android N.
Интересно, барем според фотографиите, каде има цела плејада сензори над дисплејот, може да очекуваме дека Note 6 ќе има скенери на ирисот на окото (како во Microsoft Lumia 950/950 XL), кои ќе служат како дополнителна заштита за читачот на отпечатоци на прсти.
Новиот Note 6, според популарниот твитерџија Evan Blass, треба да пристигне на средината на август, што ќе биде трн во окото на новите iPhone-и на Apple, кои најверојатно ќе пристигнат неполн месец после тоа.
Извор: Phone Dog, GSM Arena, Tech Times