Vaio неодамна се оддели од Sony и првичниот план беше да имаат богата и квалитетна понуда на Windows лаптопи, но сега изненадија со нов смартфон, кој изгледа одлично, има солидни спецификации и интересно, не доаѓа со Android, туку со Windows 10 Mobile.
Vaio Phone Biz можеби нема возбудливо име, но е целосно изработен од квалитетен алуминиум и има индустриски дизајн кој со сигурност ќе помине добро се текот на времето. Не само тоа, туку ќе се осмелам и да кажам – изгледа многу подобро од Lumia смартфоните на Microsoft.
Спецификациите се од средната класа – процесорот Snapdragon 617 можеби нема графички перформанси како своите браќа од серијата “800”, но е веројатно доволно брз за секојдневните перформанси, а и намената на Phone Biz е за бизнис корисниците, кои сигурно нема целосно да ги испробаат неговите гејминг можности. Во тоа, многу помага тоа што Phone Biz има 3 GB рам меморија, која се покажува како повеќе од доволна за Windows 10 Mobile.
Дисплејот има големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција, што е во рамките на средно – високата класа. Задната камера има 13 мегапиксели и веројатно е сензор на Sony, додека капацитетот на просторот за складирање податоци е 16 GB, со можност за проширување преку micro SD картичка. Единствена послаба спецификација, барем на хартија е батеријата со капацитет од само 2800 mAh, која може да се покаже како мала за толку голем смартфон. Исто така, убаво ќе беше да биде вграден или читач за отпечатоци на прстите или за ирисот на окото – сепак за работи за бизнис телефон.
Иако Vaio Phone Biz нема USB Type-C приклучок, од производителот нагласуваат дека поддржува Continuum, што значи дека ќе можете да го користите како десктоп компјутер доколку го поврзете на поголем дисплеј. Сепак, останува да видиме како ќе се однесува малку послабиот процесор во овие околности, односно дали ќе може да понуди доволно добри перформанси.
Првиот Windows 10 Mobile телефон на Vaio ќе почне со продажба во Април во Јапонија за 424 долари (претворено од јен), а ветено е дека ќе има и варијанта која ќе се понуди на операторите. Сепак, тешко е да се очекува дека може да го видиме и кај нас – Vaio сеуште нема изградено доволно добра дилерска мрежа низ светот, а особено не на овие простори.
Извор: The Verge, Windows Central, Gizmodo