Претходно веќе пишувавме за новитетите кои би можел да ги донесе новиот знаменосец на LG, G4, а сега ги имаме и првите фотографии, кои беа протечени од страна на познатиот твитерџија Evan Blass, кој претходно го користеше јузернејмот @evleaks и кој секогаш беше заслужен за протечени фотографии и информации од нови уреди.
Според она што можеме да го видиме на фотографиите, за разлика од претходно очекуваното метално тело, LG G4 најверојатно ќе има тело изработено од кожа, но ќе има и верзии со пластичен заден капак, како G3-ката. На овој начин, LG ќе ги зголеми можностите за персонализација (ќе бидат достапни многу различни бои), но и ќе донесе многу посилно премиум чувство на рачна изработка во главниот телефон во понудата. Доколку можеме да веруваме на информациите, телото ќе биде делумно заоблено, слично како кај LG G Flex.
Употребата на кожа секако не е нова – Moto X веќе се нуди со можност за кожен заден дел, но добро е што се зголемуваат можностите за избор во премиум класата – сега има телефони изработени од стакло (Samsung Galaxy S6), алуминиум (iPhone 6 и HTC One) и кожа. Она што ќе го прави посебен G4, барем по најавите, е предниот дел изработен од јаглерод, кој донесува цврстина, но и пониска маса.
Спецификациите ќе бидат исто така премиум. Најголем напредок ќе биде камерата, која ќе има целосно нов сензор со 16 или 20 мегапиксели, но најважно од се, леќа со бленда од f1.8, која овозможува влез на многу повеќе светлина и поубави фотографии навечер. Екранот ќе има големина од 5,5 инчи со Quad HD резолуција (2560х1440) како и досега, но веројатно со подобрени бои и контраст, нешто што е мала слабост на актуелниот уред.
Процесорот најверојатно ќе биде Quallcom Snapdragon 810, кој веќе се вградува во HTC One M9 и LG G Flex 2, а ќе биде помогнат од 3 GB рам меморија. Телефонот ќе има 32 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување со micro SD картичка до 128 GB.
LG G4 треба да биде официјално претставен на 28-ми Април, кога ќе можеме официјално да ги дознаеме и целосните информации за најновиот конкурент во високата класа.
Извор: Androidspin, Ubergizmo