Еден од најпопуларните YouTube-ри, особено познат по квалитетните рецензии на смартфони, MKBHD, објави видео од прототипот на RED Hydrogen смартфонот. Ова и не е случајно, бидејќи тој и самиот е корисник на камерите на RED (оттаму има и толку квалитетни видеа), а воедно е и нивни гласноговорник.
RED веројатно се има одлучено да му го даде смартфонот за снимање видео по гласините дека тие воопшто нема да лансираат смартфон и дека фотографијата која ја имаа објавено е само една маркетиншка кампања. Сепак, сега сме сигурни дека тие ќе лансираат смартфон, кој нема да биде ама апсолутно како ниту еден друг уред на пазарот.
Прво, дисплејот со големина од 5,7 инчи ќе биде холограмски, односно ќе прикажува 3D слика без потреба од очила. Според MKBHD тој изгледа феноменално (иако има некои технички недостатоци, како нерамномерна осветленост), но холограмскиот дисплеј не е вграден на прототипот кој се гледа на видеото, туку во друг прототип. MKBHD покажа и трет прототип, кој има многу поретро дизајн со голема камера назад, но веројатно првиот ќе биде финалниот уред.
Изработката на прототипот кој тој го држи во раката е од гума и кевлар и според информациите кои ги дава, таква ќе биде изработката и на финалниот уред. Ова е сигурно направено со цел да се зголеми издржливоста на Hydrogen смартфонот, кој би можел да се користи во многу професионални апликации.
Кога сме кај нив, уште една потврда – RED Hydrogen ќе биде модуларен, што значи дека на него ќе можат да се закачуваат дополнителни модули кои ќе ги зголемат можностите на овој смартфон. Тој назад има двојна камера, која ако може да се верува на RED ќе има убедливо најквалитетни видео можности од сите смартфони досега, но за сериозните видеографи, како модул ќе може да се прикачи и дополнителна камера со уште подобар сензор.
Цената на смартфонот на RED ќе биде супер високи 1195 долари, што сепак ако добро се размисли, е близу до тоа колку ќе чинат iPhone 8 и Galaxy Note 8. Очекувајте да има добра продажба, особено кај професионалните фотографи и видеографи.
Извор: PhoneDog, TechCrunch, ARS Technica