Јасно беше дека ова ќе се случи, па еве го и првиот смартфон кој доаѓа со функција слична на таа кај iPhone 14 Pro наречена Dynamic Island. Realme C55 телефонот кој е претставен во Индонезија, доаѓа со Mini Capsule, односно функција која овозможува прикажување на информации околу дупката за камерата заедно со интересни анимации.
Нема да навлегуваме во тоа дали треба да се копираат вакви функции, на крајот корисниците се тука да изберат кој телефон сакаат да го користат. C серијата од Realme е од пониската класа, па може да се каже дека ја донесува оваа интересна функција од iPhone за корисниците кои не сакаат да платат многу за нивниот телефон.
Mini Capsule на корисниците им прикажува информации како до каде е наполнета батеријата кога телефонот е приклучен на полначот, потрошениот интернет сообраќај, како и чекорите кои ги има направено корисникот.
Што се однесува до карактеристиките, Realme C55 доаѓа со 6,72 инчен 1080p екран со стапка на освежување од 90 херци. Работи со Helio G88 чипот, а има 8GB RAM и 256GB простор за податоци. Батеријата е со капацитет од 5000 mAh и се полни со брзиот полнач од одлични 33W.

Со оглед на тоа што се работи за компанија која е под истото сопствеништво со Oppo и OnePlus, не треба да изненадат одредени функции кои се достапни кај овој поевтин телефон.
Цената по кој ќе се продава Realme C55, барем во Индонезија е околу 200 долари.