При крајот на месец март Samsung официјално ја потврди информацијата дека нивниот Galaxy Note 7 ќе се врати на пазарот во таканаречена refurbished верзија. Тоа во основа значи дека од компанијата ќе продолжат да го продаваат овој модел, меѓутоа со направените потребни промени кои ќе гарантираат дека нема повторно да се јави проблемот со батеријата.
За потсетување, Note 7 требаше да биде еден од најпознатите модели од Samsung, којшто уште од почетокот почна да се продава во огромни бројки. Проблемот со батеријата кој предизвикуваше нејзино запалување ги примора Samsung да целосно го откажат и повлечат моделот од продажба, па дури преку софтверска надградба да ги направат нефункционални тие што уште се во употреба.
Сепак, овој модел се покажа како одличен во дизајнот и карактеристиките, па не гледаме зошто не би се продавал пак доколку е решен проблемот со батеријата. Од компанијата како дополнителна причина за негова повторна продажба ја истакнуваат и околината, односно одбегнување на потребата од фрлање на милиони електронски уреди.
Според информации од корејскиот The Investor, refurbished моделот од овој смартфон ќе ја носи ознаката Note 7R и ќе се продава по дупло пониска цена од таа по којашто се продаваше оригиналниот модел.
Ова се одлични вести, доколку се потврдат официјално. Корисниците ќе можат да купат одличен телефон по дупло пониска цена од таа што бил планиран. Се разбира тука треба да се земе во предвид и фактот што во светот на технологијата, овој модел веќе не е толку нов, меѓутоа неговите добри карактеристики сепак ќе овозможат одлично корисничко искуство.
Инаку, Galaxy Note 7R ќе доаѓа со истите карактеристики како оригиналниот модел, освен помалата батерија која сега ќе има капацитет од 3.200 mAh, наместо 3.500. Другите карактеристики остануваат, односно тие вклучуваат:
- 5,7 инчен SUPER AMOLED екран со резолуција од 2560 x 1440 пиксели
- Exynos 8890 осум јадрен процесор
- 6GB RAM меморија и 64GB меморија за складирање на податоци
- 12 и 5 мегапикселни камери
- Отпорност на вода
Извор: The Investor, T3