Корејскиот производител е еден од ретките што има телефон со 4 GB рам во понудата, но тоа не значи дека нема да продолжат да ја зголемуваат таа бројка – само што објавија дека наскоро ќе почнат производство на модули од 6 GB LPDDR4 рам за паметените телефони и таблетите!
Чипот е изработен по 20 нанометарски процес (големина на транзисторите), што овозможува модулите да имаат 12 Gb (гигабит), односно 1,5 GB (гигабајт). На една плочка може да се стават четири модули, што значи дека во еден телефон ќе може да има најмногу 6 GB рам меморија.
Оваа импресивна бројка ќе овозможи работење на многу повеќе апликации одеднаш, односно многу подобар мултитаскинг, што е особено корисно за поголемите таблети.Новите модули ќе се користат и во плочки со 3 GB рам, со искористени два модули, а со цел намалување на потрошувачката – новите чипови се многу поекономични.
За да може еден оперативен систем, односно апликација, да искористи повеќе од 4 GB рам меморија, потребно е да има 64-битна конфигурација. Ова веќе не е проблем, бидејќи скоро сите мобилни системи се подготвени за 64-битна архитектура, а и сите нови процесори на поголемите производители како Qualcomm, MediaTek и Intel.
Повеќе рам секако дека ќе придонесе за подобри перформанси, но дали е навистина потребно? Реално, со константното зголемување на корисниците на паметените телефони, а следствено на тоа и зголемувањето на бројот на потешки апликации кои се обидуваат да ги заменат оние на компјутерите, ќе има потреба од вакви чипови. А ако некој знае добро каде ќе се движи иднината, тоа секако е Samsung.
Извор: Android Central, ZDNet