Уште пред повеќе од една деценија, кога излегоа првите телефони со поголеми дисплеи во боја, се радував на помислата дека наскоро ќе можеме да гледаме телевизија на нив. Тоа не само што не се случи, туку и јас, а верувам и поголемиот дел од младите, се одвикнавме од гледањето телевизија – денес има многу поинтересни работи на нашите паметни телефони…
Сепак, сигурно има луѓе кои нема да се сложат со ова и затоа, Samsung го лансира евтиниот Galaxy J2 DTV, кој има вграден дигитален тјунер и на кој можете да ги гледате вашите омилени вести и турски серии. Сето тоа е супер за оние кои се по телевизијата, со една задршка – батеријата има капацитет од само 2.000 mAh, што веројатно не е ниту доволно за гледање на една цела епизода од погоре споменатите серии.
Останатите спецификации на уредот се исто така просечни – процесорот е солидниот Exynos 3475, помогнат од 1 GB рам меморија и 8 GB простор, додека AMOLED дисплејот има големина од 4,7 инчи и резолуција од 960х540 пиксели. Камерите се исто така просечни – назад сензорот има 5 мегапиксели, додека напред 2 мегапиксели.
Телефонот доаѓа со вграден застарен Android Lollipop, но има коректна цена од 150 долари. Сепак, ако се израдувавте дека ќе можете наредните вести да ги погледнете на вашиот нов Galaxy J2 DTV, тој нема да работи на нашите дигитални телевизии, туку само во земјите во Азија, односно Филипините каде беше претставен.
Секако, ако некој од Samsung го чита ова, еве и официјално барање овој телефон да биде достапен и кај нас – постарата публика буквално не го тргнува видот од телевизорот и сигурно ќе биде заинтересирана за ваков телефон.
Извор: The Next Web, GSM Arena, NDTV