Корејскиот гигант нема да чека премногу долго за да го возврати ударот на Apple и новите iPhone 6S и 6S Plus. Според интерни информации, новиот Galaxy S7 најверојатно ќе пристигне уште во Јануари и ќе има прилично многу новитети, а тука пред се мислиме на новата рамка од магнезиум, која треба да овозможи исклучителна висока цврстина на уредот.
Магнезиумот, за разлика од алуминиумот кој го користи Apple во iPhone серијата, има поголема цврстина и пониска маса до 33%, што значи дека новиот Galaxy S7 ќе биде исклучително цврст а воедно и многу лесен производ. Дизајнот сепак ќе остане ист, со стакло напред и назад, односно сменета ќе биде само алуминиумската рамка. Инаку, во моментов, ретки се уредите кои се целосно изработени од легура од магнезиум, а најпозната е Surface серијата на Microsoft.
Интересно, Samsung веројатно ќе понуди две верзии на телефонот – помоќна со Snapdragon 820 или новиот Exynos чип на Samsung, како и „лесна“ помалку моќна верзија, која ќе биде опремена со Snapdragon 620 и ќе биде наменета за оние со поплиток џеб.
Ваквата поделба веќе подолго време ја очекувавме кај телефоните – не секој сака највисоки перформанси, односно го користи телефонот за сериозни 3D игри и тешки апликации. А квалитетот на другите делови најверојатно ќе остане подеднаков, што значи пак ќе се чувствувате како да имате премиум уред во раката.
Новитет во S7 ќе биде и ClearForce Display технологијата, која е пандан на 3D Touch на Apple и која овозможува активирање на различни функции на телефонот, зависно од тоа со кој притисок ќе притиснете на екранот.
Како и кај Galaxy S6 и кај новиот модел ќе биде понудена Edge изведба со закривен екран на страните, но има информации кои велат дека еден од моделите може да има екран кој ќе може целосно да се витка, односно телефонот ќе биде целосно преклоплив. Сепак, повеќе е веројатно Samsung да лансира засебен уред со ваква можност, но стегаме палци и тоа да се случи уште во Јануари.
Извор: Techno Buffalo (1) (2), Tech Radar