Active серијата на Samsung е особено популарна кај оние кои своето време почесто го поминуваат во дивината, кај работниците кои работат физичка работа, но и кај сите оние кои сакаат подолго траење на батеријата од својот смартфон. Сепак, тоа значеше и дека ќе треба да носите смартфон со многу поголеми димензии од останатите. Се досега. Новата Active верзија на Galaxy S8 има супер мала рамка околу дисплејот со големина од 5,8 инчи, што го прави помал од многу конкуренти од високата класа кои немаат ни одблизу таква издржливост.
Точно, Galaxy S8 Active нема Infinity Display со закривеност на страните, но кај ваков смартфон тоа и не е потребно. Доволно е што резолцијата е супер висока – Quad HD со 18,5:9 сооднос на страните и што самиот екран е Super AMOLED. Спецификациите се исто така најдобри можни во моментов, исто како кај обичната S8-ка – процесорот е Snapdragon 835, помогнат од 4 GB рам и 64 GB простор. Задната камера е истата од S8-ката, што значи дека има 12 мегапиксели и е една од најдобрите камери од сите смартфони воопшто, додека предната камера има многу солидни 8 мегапиксели.
Она кое најмногу го разликува Active моделот е супериорната издржливост – тој е отпорен на шокови и паѓања, многу високи и многу ниски температури и нормално на потопување во вода. Исто така, Active моделот има многу поголема батерија од 4.000 mAh, која скоро сигурно ќе овозможи траење повеќе од еден ден или пак подобро кажано, да истера еден викенд со шатор во дивината. Токму тоа е и намената на овој смартфон – да им овозможи на купувачите повеќе во секој поглед, освен во стилот, иако има такви (како мене на пример), кои сакаат ваков робусен дизајн.
Засега Galaxy S8 Active ќе биде достапен само во САД на AT&T мрежата, но подоцна очекувајте да се појави и на светскиот пазар. Очекуваната цена е околу 700 евра, што и не е премногу високо со оглед на сите можности кои ги има овој смартфон.
Извор: TechnoBuffalo, The Verge, TechCrunch