Имате телефон или лаптоп што може да ви го чита отпечатокот од прстот? Тоа е веќе застарена технологија – Samsung развива таблет со биометрички сензор кој ќе го препознава ирисот на окото на сопственикот и така ќе го отклучува! Научна фантастика, денес!
Интересното е што за развивањето на технологијата, Samsung ќе соработува со создателите на Siri (дигиталниот асистент кој се вградува во телефоните и таблетите на Apple), односно компанијата за развој на нови технологии, SRI International. Компанијата веќе излезе со соопштение дека токму Samsung вложил во развивање на “Iris on the Move” технологијата, односно биометриски сензор за препознавање на ирисот на окото, кој може да се вгради и во преносливи уреди. Договорот вклучува и производство на самиот сензор за користење во новите уреди на Samsung.
Софистицираната технологија веќе ќе почне да се користи на многу места каде се бара максимална безбедност, како на пример аеродромите или банките, особено поради тоа што заштитата која ја нуди е 1000 пати повисока во однос на технологијата за препознавање отпечатоци од прсти, односно, можноста за лажирање е многу помала.
Првиот преносен уред кој ќе се испорачува со ваков сензор е Galaxy Tab 8.4 Pro на Samsung. Се работи за таблет од високата класа, со дисплеј со резолуција од 2560х1440 пиксели и Snapdragon 800 процесор. Поради високата цена, но и заштитата која ќе ја нуди, уредот во почеток ќе биде понуден на бизнис заедницата. Истиот ќе биде претставен на конференцијата за заштита и безбедност, ISC West 2015, а веднаш потоа ќе биде достапен и на пазарите низ светот.
Со овој потег, Samsung со сигурност ќе направи чекор пред конкуренцијата. Иако во моментов биометричкиот сензор нема да се вградува во популарните Galaxy телефони, кои го носат најголемиот дел од профитот, фактот дека корејскиот производител е пред другите во развојот на оваа технологија е доволен за да осигураат технолошка надмоќ на пазарот на преносливи уреди во наредните неколку години.
А најголемата придобивка секако ќе ја имаме сите ние тврдокорни зависници од најновите геџети и љубители на технологијата за препознавање очи со која пораснавме во научно – фантастичните филмови од 80-тите и 90-тите години. Следат возбудливи времиња!
Извор: Trusted Reviews