Многумина не паметат, но целото лудило за дисплеи со многу мала рамка околу дисплејот го почна токму Sharp, јапонскиот производител кој е специјалист за производство на дисплеи. Сега тие имаат нов модел од средно-високата класа, кој има одличен дизајн со рамка само во долниот дел и предна камера која благо навлегува во дислејот во горниот дел.

Дизајнот можеби неодоливо потсетува на Essential Phone, но според сѐ што видовме досега, телефонот на Sharp барем ќе пристигне на пазарот.

Дисплејот на Aquos S2 има големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција (2040×1080), што е супер солидно со оглед на класата. Ќе има две различни верзии – едната ќе има Snapdragon 630 процесор со 4 GB рам и 64 GB простор, додека другата ќе има Snapdragon 660 процесор со 6 GB рам и 128 GB простор.

Батеријата изгледа прилично мала со оглед на големиот дисплеј – има само 3.020 mAh, што би можело да е загрижувачки податок за оние кои забораваат да го наполнат телефонот секој ден.

Sharp Aquos S2 може да се пофали и со прилично квалитетни камери. Онаа назад е на пример двојна, со еден сензор со 12 и еден со 8 мегапиксели, кои во комбинација можат да ја заматат позадината при сликање на портрет, односно да ја намалат длабочината на полето. Предната камера пак има 8 мегапиксели, што е исто така солидна бројка.

Најголемо позитивно изненадување е цената – во Кина таа ќе изнесува околу 370 долари за почетниот модел (420 долари за помоќниот), што е прилично малку за телефон со толку мала рамка, особено ако го споредиме со очекуваната цена на iPhone 8, кој би можел да чини три пати повеќе.

Aquos S2 инаку ќе доаѓа опремен со најновиот Android Nougat оперативен систем.

Извор: TechnoBuffalo, GSMArena, Engadget

Претходна статијаСкоро половина од светското население, односно повеќе од 3 милијарди луѓе се корисници на друштвените мрежи
Следна статијаFacebook спрема специјален уред за видео повици и чет, како и паметен звучник?