Да бидеме реални, сите сакаме поголем дисплеј на нашиот смартфон, но во исто време не сакаме премногу да „штрчи“ додека ни е во џеб. За да се постигне ова, производителите (освен Apple) секоја година ја намалуваат рамката околу дисплеите, но се чини тоа и натаму не е доволно.
Sharp, производителот кој прв лансираше телефон без рамка околу дисплејот (освен во долниот дел) наречен Aquos Crystal, сега излезе со нов концепт, кој покрај тоа што нема рамка, има и заоблени краеви кои изгледаат прилично кул.
Концептот се вика Concept R и има IGZO LCD дисплеј кој може да се направи во каква форма сака производителот, било дали е геометриска или кружна. На концептот, краевите во горниот дел се заоблени, што доколку е поддржано од дизајнот на оперативниот систем, би можело да изгледа доста различно од исклучиво правите агли на сите паметни телефони досега.
Дисплејот има големина од 5,2 инчи и Full HD резолуција, што можеби не е импресивно во 2016 година, но независно од тоа, сигурен сум дека би можел да биде прилично популарен ако биде вграден во некој паметен телефон. Самиот дисплеј е и делумно заоблен на страните – не колку “Edge” серијата на Samsung, но доволно за да остави впечаток дека дисплејот се прелева кон останатиот дел од телефонот.
Sharp е инаку пред сѐ производител на дисплеи и ова е само покажување на тоа што може нивната технологија. Потоа, останува на поголемите производители на паметни телефони да ја вградат во некој свој нов модел. Искрено се надевам дека тоа набрзо ќе се случи – дизајнот на паметните телефони навистина треба да го направи тој чекор.
Извор: Tech Spot, The Next Web, The Verge