Смартфоните доживеаја вистинска ренесанса со лансирањето на првиот iPhone, но факт е дека и пред тоа имаше мноштво интересни уреди на пазарот со Symbian и Windows Mobile оперативните системи. Да, тоа беа телефони кои беа прилично тешки за управување, но нивните можности беа прилично длабоки. Сепак, тука зборуваме за времето после стартот на овој милениум – што ако смартфонот каков што го знаеме беше претставен во 1995 година?
Ова е една замисла на Хенрик Пертикарати, дизајнер на Behance, кој замислил смартфон со вграден Windows 95, еден од најважните оперативни системи во историјата, лансиран во 1995 година. Како што може да се види на фотографиите, овој смартфон е своевиден целосен компјутер со Windows 95, но во многу помало пакување кое е лесно преносливо.
Интересно, на него има мноштво порти кои се користеа во тоа време, како VGA порта за приклучување на надворешен монитор, „паралелна“ порта за приклучување на печатар и дури и LAN порта за брз интернет. На смартфонот дури има и дигитална камера со 1,2 мегапиксели, со сензор позајмен од една од првите дигитални камери Sony Mavica.
Уредот делува навистина интересно и искрено дел од мене би сакал да може да го користи, што е реално возможно со денешната технологија. Сепак, во 1995 година, можностите на Microsoft како и производителите на хардвер биле далеку од креирање на уред кој ќе има LCD дисплеј во боја со толку мала големина, батерија која ќе трае повеќе од еден час и процесор кој ќе биде доволно мал, нема да грее и ќе може да напојува цел Windows 95 оперативен систем. Според тоа, дури и да се вратиме во времето и да им „шепнеме“ на инженерите за ваков уред, тогашната технологија нема да дозволи негов развој и производство.
Извор: Windows Central, Techna Bob, Behance