Најбезбедниот телефон во светот го најавивме неодамна на нашиот портал, а ова денес е официјалната верзија, која донесува исклучителна сајбер безбедност и супер квалитетна изработка, по цена за која може да се купи еден добар семеен автомобил.
Sirin Labs, компанијата која стои зад овој паметен телефон, тврди дека во него е вградена „војничка“ енкрипција, односно истата што ја имаат во своите софтвери најмоќните армии во светот. Според компанијата, ова овозможува целосно енкриптирани повици, кои нема да може (скоро) никој да ги прислушува.
Во телефонот има и специјален софтвер за заштита на вградените апликации и поради максимална заштита, на него нема да може да се инсталираат дополнителни апликации, што за некои и ја уништува поентата на паметен телефон, иако целиот софтвер за заштита е вграден врз Android оперативен систем.
Високата цена од 12.300 евра (без ДДВ) по која се продава Solarin е оправдана со изработката од композитен материјал со метална решетка и дополнителни титаниумски компоненти, но не и со останатите спецификации. Процесорот е Snapdragon 810 од претходната генерација на Qualcomm, додека 5,5 инчниот дисплеј има резолуција од 2560х1440 пиксели и можност за прикажување на 120% од sRGB палетата – исто како и телефони што чинат 20-тина пати помалку.
На хартија барем импресивно изгледа задната камера – има 23,8 мегапиксели со сензор од Sony и плус ласерски автофокус. Во телефонот се вградени и три звучници со моќен бас, што значи дека во него ќе може да уживаат и аудио сладокусците.
Сепак, цената е исклучително висока, што значи дека Solarin најверојатно нема да го најде патот до многу корисници. Освен ако не сте некоја голема ѕвезда, милијардер или пак дел од некоја „успешна“ криминална мрежа, поточно би имале пари на претек и би ви требала вградената заштита.