Верувам многумина од вас сигурно имаат помислено на момент (и тоа прилично често), дека смартфонот ви одзема голем дел од вниманието и дека би сакале да можете барем во тој момент да го згаснете и да одморите од него. Еве еден уред кој ќе ви овозможи да одморите од сите тие нотификации од социјалните мрежи, со тоа што и натаму ќе бидете телефонски достапни за своите најмили.

The Light Phone е мобилен телефон со исклучително малку функции и супер минималистички дизајн со големина на кредитна картичка. Минималистички се и опциите кои ги има – на него може да се прават повици, да се види колку е часот и да се зачуваат „дури“ 9 контакти. Да, со него нема да може ниту да праќате SMS пораки, што е дополнително освежување. Само повици, ништо друго.

Телефонот нормално има слот за SIM картичка и има 2G антена, бидејќи реално и нема потреба од големи интернет брзини. Всушност, воопшто и нема интернет. Вградената батерија овозможува три дена во стендбај, што и не е многу импресивно, а цената е прилично високи 150 долари за оние кои сакаат уште сега да направат преднарачка.

Сето ова ги фрла во вода сите реални придобивки од овој телефон – 150 долари се премногу за ваков уред, особено што има обични мобилни телефони на пазарот за три пати помалку пари, на кои ќе можете да си пуштите барем некоја од омилените mp3-ки. А во слушање музика нема ништо лошо, нели. Сето ова го прави успехот на Kickstarter кампањата на овој телефон прилично чуден…

Извор: The Verge, Kickstarter, The Light Phone

Претходна статијаView Mixed Reality овозможува гледање на „измешана реалност“ за секој Windows 10 уред со камера
Следна статијаMicrosoft HoloLens може да се користи како помош при операција на ‘рбетен столб