Во времето на обичните мобилни телефони имаше многу различни верзии и изведби – со тастатура, на преклоп, на лизгање, на вртење итн. Денес, сите паметни телефони имаат голем дисплеј на допир и тоа веројатно нема да се смени наскоро. Освен ако производителите не се одлучат да применат некои од решенијата на овој Alo концепт паметен телефон.
Овој концепт е дизајниран од Жером Оливет, со совети и насока дадена од Филип Старк. На него нема дисплеј, што може да биде огромно ограничување за некои корисници. Сепак, тој има вештачка интелигенција и со него можете да разговарате и да го прашувате за се што ви треба, а доколку треба некоја визуелна информација, неа можете да ја видите на холограм.
Да, ова интересно парче техника има вграден холограм, кој ќе може да ги прикажува пораките, апликациите и видео и фотографии. И тоа не е единствената интересна функционалност која ја поседува. Имено, тој е изработен од материјал кој сам може да се поправа во случај на оштетување. Материјалот е сличен на желатин и според дизајнерите, го прави држењето на телефонот исклучително удобно, заедно со ергономскиот дизајн.
Сите овие карактеристики сепак засега се присутни само на хартија и во умот на дизајнерите. Прототип се уште не е направен, иако Оливет и Старк имаат идеја за производство на барем еден во соработка со француската компанија Thomson, за која е развиен самиот концепт.
Извор: Mashable, Mac Observer, Dezeen