toshiba2.0

Таблет компјутерите со Windows 10 се множат од месец во месец и секој производител веќе има таков во понудата. Новиот DynaPad на Toshiba е однадвор сличен на главните конкуренти, како Surface серијата на Microsoft, но има неколку уникатни спецификации, кои го насочуваат кон уметниците, односно сите кои сакаат да цртаат и пишуваат на својот таблет.

Заслужно за ова е Wacom TruPen пенкалцето, кое препознава 2048 нивоа на притисок, за разлика од она во новиот Surface Pro 4 кое препознава „само“ 1024. Toshiba ветува дека не само што нивното решение е попрецизно, туку дава чувство како да пишувате на вистинска хартија, во што би можеле да веруваме, бидејќи Wacom е и натаму број 1 во светот за електронски пенкалца.

Toshiba-dynaPad-Tablet-1280x718

Сепак, доколку барате таблет/лаптоп со високи перформанси, ова не е уредот за вас. Во внатрешноста е вграден Intel Atom процесор кој работи на 1,44 GHz, помогнат од 4 GB рам меморија, што значи дека на него нема да може да се работи на посериозни десктоп програми, но барем тоа значи дека таблетот може да биде исклучително тенок – само 6,6 милиметри.

Екранот има големина од 12 инчи и резолуција од 1920х1280 пиксели и има специјална заштита од одблесоци и отпечатоци од прсти, што значи дека ќе може да го користите и на сонце и нема да треба да го чистите често. Со таблетот секако доаѓа тастатура, која има и тачпад, исто како кај Surface Pro серијата.

Цената на DynaPad во Јапонија изнесува 1080 долари, што е прилично високо за модел во вакви перформанси. Сепак, ова е уред кој има специјална намена, особено за оние кои цртаат и креираат на својот таблет, а кои досега користеле посебен уред за цртање приклучен на лаптоп. За останатите, има цела плејада на поевтини и помоќни лаптоп/таблети со Windows 10.

Извор: The Verge, Techno Buffalo

Претходна статијаApple ја претстави новата iMac линија
Следна статијаPepsi ќе лансира Android паметен телефон