Еден од најпопуларните „ромови“ достапни за Android телефоните секако се оние на Cyanogen. Сепак, за многумина, постапката за инсталирање на нов ром е прилично сложена, па за тие од вас кои сакаат да го пробаат овој „вкус“ на Android, Wileyfox Spark моделите можат да биде вистинскиот избор.
Секако, прво ќе треба да се осигурате дека ќе може да живеете со прилично слабите спецификации. Дисплејот на основниот модел Spark и моделот Spark+ е солиден со HD резолуција растегната на 5 инчи, но процесорот MediaTek MT6735 со четири јадра на 1,3 GHz, е помогнат од само 1 GB рам меморија (2 GB кај Spark+), што значи дека не би требало да очекувате којзнае колку добри перформанси.
Во уредот се вградени и само 8 GB простор за податоци (16 GB кај Spark+), што значи дека ќе мора да купите и micro SD картичка, додека батеријата има капацитет од 2.200 mAh. Интересно, Spark и Spark+ имаат камера со 8 мегапиксели и напред и назад, што е добра вест за селфи фановите. Цената на Spark и Spark+ изнесува 120, односно 150 евра.
Spark X моделот сепак се чини е најинтересен – има поголем 5,5 инчен HD дисплеј и задна камера со 13 мегапиксели, како и голема батерија од 3.000 mAh, која треба да овозможи подолго користење со едно полнење. Цената на овој уред изнесува 170 евра.
Главната предност на овие уреди во однос на конкуренцијата е тоа што доаѓаат со Cyanogen OS 13.0, базиран на Android Marshmallow. Cyanogen овозможува многу подобра персонализација на уредот според потребите на корисникот и брзи надградби на понови и постабилни верзии. Исто така, заедницата во форумите е секогаш подготвена да ви помогне доколку наидете на проблем, нешто што не може да се каже за многу верзии на Android.
Извор: ARSTechnica, Engadget, GSMArena