Денес, не се случува ретко да видиме нов играч во производството на паметни телефони, но вистинска реткост е тој да не биде од Кина. WileyFox е нов производител од Велика Британија, кој ја почнува продажбата со два уреди. Телефоните ги карактеризира модерен дизајн и Cyanogen OS верзија на Android, која ветува брзи перформанси и комплетно чист оперативен систем, без непотребно инсталирани апликации.
Подобриот телефон во понудата Storm ќе чини 199 фунти, а ќе има 5,5 инчен Full HD екран со резолуција од 1920х1080 пиксели. Внатре е вграден Snapdragon 615 процесорот со осум јадра, помогнат од 3 GB рам меморија и 32 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка. Задната камера има одлични 20 мегапиксели, додека предната 8 мегапиксели.
Поевтиниот уред Swift, кој чини 129 фунти, има 5 инчен екран со HD резолуција и Snapdragon 410 процесор. Меморијата тука изнесува 2 GB рам, додека е вграден и 16 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка. И тука камерите се солидни – задната има 13 мегапиксели, додека предната има 5 мегапиксели.
Она што најмногу треба да ги издвои телефоните на WileyFox од конкурентите е Cyanogen OS оперативниот систем, кој има низа подобрувања во однос на обичниот Android, но и на сите други верзии. Имено, вградена е многу подобра заштита, па корисникот ќе може да заклучи многу апликации, со цел да не можат да влезат други корисници во нив.
Исто така, интересно е решено внесувањето на пинот кога ќе го отклучувате телефонот – можете да ги разместите бројките, со цел оној кој ќе гледа отстрана да не може да ви го „прочита“ пинот.
Cyanogen OS е познат и по исклучително брзата работа, односно многу подолгото траење на батеријата. Затоа, тука и Snapdragon 615, односно 410 процесорите, не би требало да имаат проблем мазно да го придвижуваат корисничкиот интерфејс.
Извор: Engadget, The Next Web