Минатата година беше една од послабите за Xiaomi, кои паднаа зад неколку други кинески производители во продадените уреди. Тоа и не е толкав проблем за компанијата, бидејќи тие главно профитираат на своите сервиси, но зголемување на маргините на профит и кај смартфоните секако нема да им дојде лошо. Затоа, тие спремаат свој Pinecone (шишарка) процесор, што ги става Xiaomi во елитата на компании кои сами ги прават своите чипови.

Тука секако спаѓаат Samsung со популарните Exynos, Apple со “A” серијата и Huawei со Kirin процесорите. Производството на чипови во самата компанија им овозможува на производителите подобра контрола и оптимизација на софтверот, но и намалување на трошоците – сличен чип од Qualcomm би чинел повеќе пари.

Токму тоа е идејата на Xiaomi – да можат повеќе да профитираат на своите смартфони. Имено, нивните телефони се многу поевтини од тие на етаблираните конкуренти, дури и од тие на Huawei, со цел повеќе корисници да ги купат и потоа да ги користат нивните сервиси. Сепак, падот на продажбата значи и помали профити на сервисите, па затоа поевтини процесори ќе овозможат профит и на хардверските уреди.

Засега нема информации во која класа ќе се натпреварува Pinecone и кои ARM јадра ќе ги користи, но може да се очекува првите модели да бидат од ниската и средната класа, иако не би исклучил и супер моќен чип. Причината за ова е што Qualcomm најверојатно првите Snapdragon 835 примероци ќе ги даде на Samsung, па останатите компании мора да се „снаоѓаат“ за помоќен чип или пак да го користат постариот Snapdragon 821.

Многу е веројатно дека за новите Pinecone чипови ќе дознаеме повеќе на MWC саемот во Барселона, кој почнува на 26 Јануари, каде Xiaomi ќе претстави и неколку нови модели на паметни телефони.

Извор: Techno Buffalo, Android Authority, Ubergizmo

Претходна статијаНов материјал кој овозможува ладење на објекти без користење енергија
Следна статијаHuawei ќе претстави нов Watch 2.0 паметен часовник на MWC