Кинескиот производител, кој од неодамна стана третиот најголем производител на паметни телефони во светот, за прв пат лансираше модел кој е наменет за светските пазари. Се работи за смартфон од средно – високата класа, со одлична изработка и перформанси, но и неколку иновативни новитети, испорачани по многу ниска цена.
Големината на екранот на Mi 4i е 5 инчи, што е веќе стандард кај смартфоните од оваа класа. За разлика од многу HD конкуренти, екранот има Full HD резолуција, што значи дека густината на пикселите е 441 ppi. Навистина високи бројки за толку евтин телефон, конкурентни дури и на многу скапи телефони, како HTC One M9.
Но, смартфонот на Xiaomi има и други адути во ракавот. Екранот е изработен со IPS технологија, но со посебни подобрувања на Xiaomi, кои овозможуваат исклучително висока видливост на сонце. Имено, дисплејот може автоматски да ја подесува светлината на секој пиксел поединечно, слично како кај AMOLED екраните и со тоа да постигне исклучително висок контраст, кој помага во видливоста на сонце.
Во внатрешноста се вградува Qualcomm Snapdragon 615 процесор, кој има осум физички јадра и одлични перформанси при работењето со мноштво апликации, иако не е особено добар за играње игри. Помогнат е од солидни 2 GB рам меморија, која треба да овозможи одлично мултитаскинг искуство, додека вграден е и 16 GB простор за складирање податоци. Импресивни ќе бидат и камерите, со задна од 13 мегапиксели и предна од 5 мегапиксели. Телефонот ќе се испорачува со Android Lollipop.
Сето ова ќе биде напојувано од енормно голема батерија од 3120 mAh, која би требала без проблем да издржи два дена со едно полнење. И најдобро од се, ваквата батерија не е на сметка на изгледот, односно дебелината на Mi 4i, која изнесува само 7,8 mm. Заслужна за ова е новата технологија за производство на батеријата, која овозможува поголем капацитет во помали димензии. Исто така, со оглед на капацитетот, батеријата ќе може многу брзо да се наполни, односно до 40% за само еден час.
Xiaomi Mi 4i е инаку изработен од квалитетна поликарбонатна пластика, со мек финиш кој е отпорен на отпечатоци од прсти. Ќе биде понуден во пет различни бои и тоа црна, бела, сина, жолта и розова. Засега, телефонот ќе се нуди на пазарот во Индија, но се очекува наскоро да биде понуден и кај нас. Цената му изнесува 205 долари, што е навистина достапно, особено со оглед на понудените перформанси.
Извор: TheNextWeb