Xiaomi оваа недела официјално го претстави својот прв за оваа година Mi модел од највисоката класа, Mi 9. Со овој модел од компанијата продолжуваат да претставуваат одлични и конкурентни уреди, за цена значително пониска од конкурентите.
Xiaomi Mi 9 доаѓа со заоблен дизајн и бои кои се прелеваат. Екранот е направен од страна на Samsung, е со AMOLED технологија, па може да се очекува одличен квалитет.
Големината на екранот, кој доаѓа со мал исечок на горната страна само за камерата, е 6,39 инчи и има Full HD+ резолуција. Долната рамка е исто така значително намалена, па овој телефон е скоро целиот екран на предната страна.
Под екранот исто така се наоѓа сензор за отпечатоци кој од Xiaomi истакнуваат дека го отклучува телефонот 25% побрзо од претходната генерација.

Xiaomi Mi 9 се истакнува и со трите камери на задната страна со резолуција од 48, 16 и 12 мегапиксели. Главната камера е тука за сликање на слики со огромна резолуција, додека другите две ќе се погрижат за сликање на широки слики, како и ефекти со позадината. Предната камера е со 20 мегапиксели.
Овој телефон исто така се истакнува со тоа што работи на најновото од Qualcomm, Snapdragon 855. Овој чипсет е направен во 7nm технологија, што значи дека треба да овозможи добри перформанси со подобрена потрочувачка.
Батеријата на Mi 9 е со капацитет од 3.300 mAh, а се полни со најновата технологија за брзо полнење, како и со 20W брзо безжично полнење.
Mi 9 доаѓа со две дополнителни варијанти, едната со транспарентна позадина и 12 GB RAM меморија, како и втора со помал 5,99 инчен екран.
Сите детали за овој нов телефон од Xiaomi можете да ги најдете на официјалната страна од компанијата на овој линк.