Xiaomi е новиот производител кој ќе влезе во трката со Edge дисплеи закривени на страните – нивниот нов знаменосец со голем дисплеј од високата класа Mi Note 2 ќе биде директен конкурент на Galaxy Note 7 и во неколку карактеристики ќе биде дури и подобар.
Засега не можеме со сигурност да ги потврдиме овие фотографии од “xiaomitoday”, но делуваат прилично вистински, а и логично е еден од кинеските производители веќе да извади телефон со популарниот закривен дисплеј на страните – Samsung веќе продаде милиони и милиони такви телефони.
Mi Note 2 инаку ќе има 5,7 инчен Quad HD дисплеј, што значи дека директно ќе конкурира на новиот Note 7. Спецификациите ќе бидат исто така прилично слични (Snapdragon 820/821), со таа разлика што кинескиот телефон веројатно ќе има 6 GB рам меморија и поголема батерија со капацитет од 4.000 mAh. Дали ова ќе направи разлика во секојдневното користење? Најверојатно не, но разлика за џебот на купувачот сигурно ќе направи многу пониската цена – 526 долари во Кина.
Засега нема временска рамка за тоа кога Xiaomi ќе го претстави овој телефон, но очекувам тоа да е набрзо по претставувањето на Galaxy Note 7 и/или новите iPhone-и, што значи дека не би требало да чекаме предолго. Овој модел со сигурност можеме да го очекуваме и на нашиот пазар – се работи за глобален модел.
Извор: TechnoBuffalo, Tech Times, PhoneArena