Корејскиот гигант веќе неколку години по ред се обидува да направи свој оперативен и еко систем со Tizen OS и тоа делумно му успева кај паметните телевизори и паметните часовници, но кај смартфоните е целосно друга приказна – тука владеат Android и iOS.
На посебна дивелопер конференција, тие ќе ги претстават новитетите кои ги носи новиот Tizen OS 3.0 оперативен систем, кој ќе се вградува во паметните телевизори, часовниците и смартфоните. На конференцијата Samsung ќе претстави и Tizen OS смартфон, кој е потпросечен паметен телефон во поглед на спецификациите и кога на тоа ќе се додаде оперативниот систем кој скоро и да нема апликации, не би можеле вистински да го препорачаме.
Ова особено добива на тежина ако се знае дека Tizen OS според истражувачите и аналитичарите е најмалку безбедниот оперативен систем. Samsung најави дека новата 3.0 верзија ќе има особен акцент на безбедноста, но додека не излезат првите тестови тешко е да се поверува во тоа. Исто така, состојбата со апликации и натаму е очајна, иако Samsung најави дека Tizen OS 3.0 ќе поддржува Vulkan API, што значи дека ќе биде одлична платформа за 3D игрите.
Самиот смартфон има многу слаби спецификации и е веројатно направен само како тест лулка за дивелоперите кои би сакале да развијат апликации за платформата. Секако, се додека тоа не се 3D игри кои би ги испробале можностите на Vulcan API, бидејќи процесорот има само четири јадра на 1,5 GHz (не е специфицирано ниту кои производител е), помогнат од само 1 GB рам. Дисплејот пак има големина од 4,5 инчи и многу слаби за 2017 година 800х480 пиксели, камерите имаат по 5 мегапиксели, додека батеријата има само 2.050 mAh.
Цената на овој телефон ќе биде 100 долари, што реално не е многу, но дури и за овие пари, Android е подобар избор бидејќи е веќе развиена платформа и ова важи и за одличните евтини смартфони на Samsung.
Извор: ARS Technica, TechRadar, ZDNet