Vertu е бренд којшто престана да функционира пред околу 3 години, а беше познат по тоа што правеше луксузни верзии од одредени телефони, а најчесто од Nokia, под чија сопственост и беше.
Дел од вработените во Vertu, сега повторно креираат нов бренд за луксузни телефони, поради наводната побарувачка која ја имале од одредени стари клиенти. Новиот бренд е наречен Xor, а ко-основач е еден од одговорните за дизајн на Vertu телефоните, работа која и сега е негова одговорност.
Првиот телефон кој Xor ќе го понуди на пазарот е Xor Titanium, а од името може веднаш да се претпостави материјалот од кој е изработен овој телефон. Цената секако ќе биде во категоријата на луксузни производи, па ќе достигне скоро 4.000 долари. Јасно е за кои клиенти е наменет овој бренд.

Покрај луксузната изработка, телефонот, може да се види и од сликата, е направен како телефоните пред паметните, односно нема екран на допир, нема Android, а се што нуди во главно е повици и SMS пораки.
Додатно, телефонот овозможува целосно шифрирана комуникација доколку и двете страни го имаат Xor Titanium. Интересно, телефонот вклучува и монитор за квалитетот на воздухот.
Интересно ќе биде да видиме дали вакви телефони имаат место на пазарот, односно дали новиот Xor бренд ќе опстои повеќе години и во кој правец ќе се движи во иднина.