zte-axon-max

Кинескиот производител ZTE го лансираше својот шести модел од Axon серијата на телефони, која ја сочинуваат одлични модели, со моќни перформанси и луксузна изработка. Шестиот модел Axon MAX има и 6 инчен дисплеј, кој длабоко навлегува во таблет територијата, но малата рамка околу екранот и тенкото куќиште, треба да го олеснат неговото користење.

Однадвор, телефонот го карактеризира високо квалитетна изработка од алуминиум кој се употребува и во авијацијата. Дебелината на уредот изнесува само 7,5 mm, што за телефон со големина од 6 инчи е одлично достигнување, особено ако во равенството се стави и големата батерија со капацитет од 4140 mAh, која треба да овозможи барем два дена користење со едно полнење. А кога ќе дојде до моментот да треба да го наполните телефонот, тука е и Qualcomm QuickCharge 3.0 брзото полнење, кое овозможува дополнување на батеријата од 0-60% за само 30 минути.

Дисплејот има резолуција од 1920х1080 пиксели, што е прилично растегнато на 6 инчи, но AMOLED технологијата барем овозможува висок контраст и длабоки бои. Процесорот е Snapdragon 617 со осум јадра, кој би требало без проблем да се справи со Android Lollipop 5.1 оперативниот систем (со MiFavor 3.5 скин) и скоро сите апликации, освен тешките 3D игри, кои најдобро работат на процесорите од највисоката класа, како Snapdragon 810.

Тука процесорот е помогнат од 3 GB рам меморија, а вграден е и 32 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка, што е одлична вест. Како и секој кинески телефон и овој има можност за две SIM картички со 4G брзина на пренос на податоци. Во задниот дел е вграден и читач за отпечатоци на прстите, за подобра заштита.

gsmarena_003

ZTE Axon MAX може да се пофали и со одлични камери – задната има сензор со 16 мегапиксели и “phase detection” автофокусен систем, ист како кај професионалните DSLR апарати, кој треба да овозможи многу брзо фокусирање. Предната камера пак има 13 мегапиксели – супер вест за селфи фановите.

Новиот модел на ZTE има и неколку одлични карактеристики по кои ќе се разликува од главните конкуренти, како посебен аудио чип за Hi-Fi слушање музика и USB Type-C порта, коај недостасува кај многу од конкурентите од високата класа.

Најголем адут на ZTE Axon MAX ќе биде цената, која во Кина изнесува околу 430 долари, што не е многу за модел со вакви карактеристики. Иако се работи за интернационален модел, не би можел да потврдам дека ќе биде достапен и кај нас.

Извор: GSMArena, SlashGear, NDTV

Претходна статијаNASA и SONY работат на виртуелен систем за управување на роботи во вселената
Следна статијаLG подготвува телефон со заоблен дисплеј во горниот дел?