Еден од најголемите кинески производители на паметни телефони го лансираше најголемиот телефон од Z11 линијата, кој има одлични спецификации, солидна изработка со алуминиумска рамка и ниска цена, а ќе има и модел кој доаѓа со неколку „Кристијано Роналдо“ подароци во пакувањето.
Да, португалецот е заштитно лице на ZTE и отсега сите телефони на кинескиот бренд ќе бидат рекламирани од него. Колку ова ќе помогне во продажбата на самите телефони е тешко да се каже, но сигурен сум дека навивачите на Барселона ќе го избегнат токму поради тоа.
ZTE Nubia Z11 Max има 6 инчен дисплеј со Full HD резолуција (1920х1080 пиксели) што е солидно со оглед на класата. Во внатрешноста е вграден Snapdragon 652 проесорот со 8 јадра, од кои четири на 1,8 GHz и четири на 1,4 GHz и Adreno 510 графика. Z11 Max е опремен со 4 GB рам меморија, како кај телефоните од високите класи, додека вградени се и солидни 64 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. Батеријата има капацитет од 4.000 mAh, што е сигурно доволно за повеќе од еден ден користење.
Камерите, барем на хартија се исто многу солидни. Задната доаѓа со Sony IMX298 сензор со 16 мегапиксели, кој веќе се вградуваше во многу телефони од високите класи и кој вади прилично чисти фотографии, а тука е помогнат од брза f2.0 бленда за подобри фотографии навечер. Селфи ентузијастите сигурно ќе бидат задоволни со камерата од 8 мегапиксели и f2.4 бленда.
Цената на ZTE Nubia Z11 Max во Кина ќе изнесува околу 267 долари, а моделот ќе биде достапен на 16 Јуни. Два дена подоцна ќе биде достапна и специјалната „Кристијано Роналдо“ едиција, каде на самиот телефон ќе биде изгравирана силуета од популарниот фудбалер, а во пакувањето ќе заштитна има маска со него и дополнителен селфи стик. Овој модел ќе чини околу 307 долари.