Со намалувањето на рамките околу екраните кај смартфоните изминатите години, актуелно стана вклучувањето на исечок на екранот, нешто што нас воопшто не ни се допаѓа. Како многу подобро решение го сметаме поставувањето на предната камера во мала дупка, како што прави Samsung, а и уште неколку други производители.
Наредниот чекор на развој по ова би бил да оваа мала дупка се вгради под екранот, односно веќе да не се гледа, а камерата да може да ги прави своите слики и покрај тоа. Јасно е дека технологијата за тоа уште се развива, иако неколку производители веќе ја најавија, но тестирањата покажаа дека квалитетот на сликите уште не е доволно добар.
Како и да е, кинескиот производител ZTE смета дека доволно ја има развиено оваа технологија, па по неколку најави, ќе го претстави својот прв, а и на пазарот, телефон со предна камера вградена под екранот.
Овој телефон, кој ќе го носи името Axon 20 5G, се очекува да биде претставен на кинескиот пазар идниот месец, а ZTE ја објави својата прва официјална слика и со тоа ни даде претстава што може да очекуваме.
Иако од сликите не се гледа многу, сепак може да се види телефон кој на предната страна нема ни исечок, ниту дупка за камера. Задната страна може да се каже дека го следи трендот на 2020 и повеќе камери се поставени во правоаголен модул.
Дефинитивно ќе биде интересно да се видат тестовите за квалитетот на сликите кај оваа камера, а за одредени корисници слефи камерата е од клучна важност да истата вади доволно добар квалитет.
Се надеваме дека идната година ваквите предни камери ќе станат достапни и кај другите производители, па кончено да имаме телефони кои на предната страна немаат ништо друго покрај екранот.