Google започна со етапно воведување на две нови функционалности во својот прелистувач Chrome, кои имаат за цел да ја подобрат организацијата и да ја зголемат продуктивноста при секојдневното користење. Овие новини нудат поинаков начин на менаџирање со отворените веб страници и текстуалните содржини, фокусирајќи се на подобра прегледност и намалување на визуелниот шум.
Првата новина е можноста за вертикално позиционирање на „табовите“. Корисниците сега можат со десен клик на кој било отворен прозорец во Chrome да ја изберат опцијата за нивно вертикално прикажување. Оваа промена овозможува „табовите“ да се преместат на страничниот дел од екранот, што значително го олеснува читањето на целосните наслови на веб страниците.
Ова е особено корисно за оние кои редовно работат со голем број отворени „табови“ истовремено, бидејќи овозможува полесно управување со групите „табови“ без да се губи работниот простор на горната лента.
Втората значајна промена се однесува на режимот за читање, кој сега добива целосно нов интерфејс на цел екран. Со десен клик на саканата веб страница и избирање на опцијата за отворање во режим за читање, корисниците можат да ги отстранат сите визуелни пречки од екранот. Оваа функција го трансформира дизајнот на страните во чист, текстуално фокусиран простор кој е наменет за подолго читање на статии и документи без непотребни одвлекувања на вниманието.
Иако овие функции се веќе присутни кај некои од конкурентните прелистувачи, нивната официјална интеграција во Chrome претставува практичен додаток кој ќе им користи на многумина.
Со оглед на тоа што ажурирањето се одвива постепено на глобално ниво, може да помине одредено време додека сите корисници добијат пристап до новите опции преку стандардните поставки.











































