Фото: Mozilla

Почнувајќи од верзијата Firefox 148, која ќе стане достапна од 24 февруари, прелистувачот ќе добие нова функција која мислам дека ќе направи доста за враќање на барем дел од изгубениот углед на Mozilla. 

Firefox ќе добие можност корисниците целосно да ги блокираат сите моментални и идни функции со вештачка интелигенција, па прелистувачот ќе може да се користи од страна на не толку малата бројка на корисници кои сметаат дека масовно додавање на ВИ функции секаде веќе е проблем. 

Новата функција е наречена „AI controls“, а на корисниците покрај тоа што ќе им овозможи целосно блокирање на ВИ функциите, ќе им овозможи и посебно да ги блокираат или дозволат различни функции. 

Со ова Firefox го добива изборот кој го најави новиот директор на Mozilla при не баш популарната објава во која се истакна дека Firefox ќе прерасне во модерен ВИ прелистувач. 

Во основа, повеќето корисници, барем тие кои доволно внимаваат при изборот на софтверот којшто го користат, не сакаат додавање на ВИ функции секаде каде што може. Изборот за дали корисникот сака или не сака да ја користи вештачката интелигенција, а и во кои ситуации и кои јазични модели, е една од најважните карактеристики кои се очекуваат. 

„Вештачката интелигенција го менува интернетот, а луѓето сакаат многу различни работи од него. Слушнавме од многумина кои не сакаат никаква врска со вештачката интелигенција. Исто така, слушнавме и од други кои сакаат алатки за вештачка интелигенција кои се навистина корисни. Слушајќи ја нашата заедница, заедно со нашата постојана посветеност да понудиме избор, нè наведоа да изградиме контроли за вештачката интелигенција.“ – истакнуваат од Mozilla.