Фото: Shutterstock.com

Google во текот на вчерашниот ден најави три нови функции кои стануваат дел од нивниот Chrome интернет прелистувач. Овие нови функции може да се каже дека се наменети за корисниците кои прават нешто повеќе од само обично читање на статии, па како што истакнуваат од компанијата, Chrome станува поголема помош од било кога. 

Првата нова функција која станува дел од Chrome е можноста да се отворат две веб страни во поделен приказ, нешто што не е првпат дел од прелистувачот, но не сите корисници имаат пристап веднаш до истата. 

Корисниците на овој начин можат да прават споредби помеѓу две страни, наместо цело време да го менуваат „табот“, а ова е посебно корисно и за ситуации кога се потребни белешки, програмирање и слично. 

Втората новина е додаток кај можноста за гледање на PDF документи, нешто по кое Chrome веќе е познат, а корисниците сега добиваат можност за анотација на документите, корисно за кратки белешки на документите, без потреба од користење на посебна апликација. 

Третата новина исто така е доста корисна, а посебно за тие кои функционираат во Google екосистемот. Корисниците сега кога гледаат некој документ можат да го зачуваат директно во Google Drive, наместо да го симнат локално. 

Google оваа можност ја промовира како одлична за корисниците кои често не можат да најдат каде го имаат зачувано некој документ, па сега во Drive ќе имаат посебна папка „Saved from Chrome“.